ДРИБЛИНГ: Момци, ви благодариме! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Останато
22/10/2017 20:35
Останато
22/10/2017 16:31
Фудбал
22/10/2017 16:26
Фудбал
22/10/2017 14:17

ДРИБЛИНГ: Момци, ви благодариме!

Владимир Булатовиќ

Со задоволство преземајќи го сиот ризик од старт, од сите „загрижени“ за пласман на нашите млади момчиња на ЕП 2017 а кои притоа грижата ја пројавија само пред последниот натпревар на надежите, да бидам означен како психолошки ’замрзнувач’ на мотивот за големи нешта и ’уништувач’ на победничкиот дух со задоволување со веќе сработено кога сме на чекор од историја, пред вечерашниот натпревар со Шкотска сакам да кажам – Момци, ви благодарам за се!

Македонија ја чека натпреварот со Шкотска кој вечерва, за првпат во нашата историја, може да не одведе на Евро шампионат. Може, а не мора. Има неколку варијанти. Со победа, и кикс на Исланд, да ја видиме Полска. Со победа, но триумф на Исланд, да си останеме дома. И, со пораз, секако да си останеме дома. Без разлика, која варијанта ќе ни се „падне“, затоа што сега веќе се може да биде и по волјата на Господа, со време сакам да го кажам моето благодарам. Затоа што од утре, не дај боже, се може да биде разочарувачко па секоја анализа да биде одвишна, или се може да биде историско, па тогаш покрај еден куп воздигнувања до небо и моето благодарам ќе биде одвишно. Или, касно за тоа! Затоа…


mlada selekcija

  • Ви благодарам што во овие тмурни времиња за македонскиот фудбал во европски рамки, и на клупски и на репрезентативен план, ни донесовте малку повеќе светлина.
  • Ви благодарам што се издигнавте над целокупното сивило на домашниот фудбал, докажувајќи дека за нас просечноста не мора да биде епитет ако се знае како и зошто се работи! Што е навистина преголем акт во ситуација која се наметнува денеска во мак-фудбалот, иако ќе има секогаш и такви кои гордо ќе речат „е, што чудо направија па и ако одат на ЕП!“.
  • Ви благодарам што продолжувавте со триумфалниот од, и тогаш кога „стручната јавност“ за секој ваш натпревар тврдеше дека е случајност.
  • Ви благодарам што на секој следен натпревар ја покажувавте својата вредност, и тогаш кога 90% од македонската јавност чекаше кикс на секој нареден меч.
  • Ви благодарам што не научивте дека овде и Игор, и Енис, и Ѓоко, и Бесир, и Мевљан, и Алекса, и Егзон, и Давид, и Висар, и Кире, и Бобан, и Дарко, и Марјан, и Дамјан… може да бидат браќа, повеќе од било кој друг!
  • Ви благодарам што за вас „Кумашинот“ не беше „Кумашин“, како за некои други, туку тренер-водач, кој си ја знае работата, и на кого секогаш силно му верувавте како што тој, пак, секогаш верува во вас и тогаш кога не веруваат во клубовите каде играте.
  • Ви благодарам што ги замолкнавте Франција во Ле Ман, Украина среде Киев и Шкотска среде Единбург, за да слушне Европа дека и во Македонија се игра фудбал.
  • Ви благодарам што Дени Илиев, го користи секој слободен момент, да тркне до репрезентацијата насекаде низ Европа, и во моментите на рехабилитација, секогаш да даде поддршка.
  • Ви благодарам што патот до успехот си го изодевте сами, без некоја посебна поддршка и од трибини и од медиуми, тогаш кога требаше.
  • Ви благодарам што 80% од вас најчесто не бевте ниту во комбинација за настап во клубовите, добар дел се соочувавте со „железната рака“ на клупската политика, а во македонскиот дрес секогаш до последна капка пот.
  • Ви благодарам што Енис Барди и повреден сега, моли и бара да игра кога се одлучува за Македонија.
  • Ви благодарам што за вас, кога е во прашање професионалната обврска, Македонија е најважна, па се друго!

Затоа, без разлика, што и да биде вечерва: Момци, ви благодариме!

Во секој случај, се гледаме во Полска!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.