Духот на олимпизмот: Тонга има нордиски скијач на ЗОИ, вежбал на ролери

Се сеќавате на момчето од Олимписките Игри во Рио, кое стана вирален хит, и ги воодушеви припадничките на понежниот пол со својот изглед? Неговото тело беше премачкано со кокосово масло, а неговите мускули се отцртуваа додека тој гордо го вееше знамето на Тонга. Пита Тауфатофуа е неговото име, а тој се натпреваруваше во теквондо на летните Игри во Рио.

По само две години, Пита Тауфатофуа ќе биде претставник на својата земја и на Зимските Олимписки Игри во Пјонгчанг кои почнуваат следниот месец. Тој успеа да обезбеди олимписка норма во нордиско скијање (крос кантри) иако во Тонга никогаш и нема снег. Ќе биде првиот учесник во историјата на својата земја на ЗОИ.

„После Рио решив да се испробам во еден од најтешките спортови и да обезбедам норма за учество на Зимските Олимписки Игри. Вложив многу труд, а вежбав со ролери, затоа што ние никогаш и не сме виделе снег во Тонга. Беше тоа вистински предизвик. Заминав и во странство, да тренирам напорно и пресреќен сум што успеав. Ќе значи тоа многу и за мене, и за мојата држава“, изјави Пита Тауфатофуа.

Се вчитува...