Едно добро полувреме, па потоп против Данска

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Македонската ракометна репрезентација со убедлив пораз од Данска (20-31) го заврши својот настап на ЕП 2018 во Вараждин. За жал, одличните настапи во првата фаза во Загреб остануваат во сенка на потопот во Вараждин, два убедливи неуспеси со Шпанија и Данска и оној крајно несреќен пораз од Чешка, за освојување на последното место во групата 2 (бевме први при пренесувањето на бодовите од првата фаза). На денешниот дуел цело едно полувреме успевавме да му парираме на противникот, кој потоа во вторите 30 минути целосно доминираше и стигна до преубедлив триумф.

Во однос на дуелот со Чешка селекторот Гонзалес направи две замени, Митревски стартуваше на голот на местото на Борко Ристовски, додека Филип Кузмановски почна пред Талески како прв лев бек. Во нападот игравме многу квалитетно, за седум минути постигнавме пет погодоци, но одбраната воопшто не функционираше, па Данците со брз центар лесно ја пробиваа нашата дефанзивна линија и постигнуваа лесни погодоци.

Раул Гонзалес побара тајмаут на половина од првото полувреме, при негатива од 6-8, по што Талески влезе во игра на местото на Миркуловски, но и Ојлески го имаше своето деби на ова ЕП, заземајќи го местото на Дејан Манасков. По резултат 8-9 имавме идеална шанса за израмнување, но пеналот на Филип Лазаров заврши во гредата. Следната можност ја искористивме, Митревски успешно интервенираше, а потоа самиот ја смести топката во празната мрежа, по што данскиот селектор Јакобсен реши да земе минута одмор.

При резултат 10-10 имавме зицер за водство, но обидот на Ојлески заврши крај дирекот, при 12-12 нова одлична можност, но Велковски биеше над голот. Благодарение на одличниот Митревски добивме и трета шанса за водство во финишот од полувреме, но Ландин го одбрани ударот на Кузмановски, па на одмор се замина со израмнети први 30 минути (12-12).

Јакобсен на стартот од второто полувреме на голот го стави Грин на местото на Ландин, вториот голман веднаш му одбрани пенал на Манасков, а Данците влегоа во серија и експресно поведоа со 17-13. Кузмановски со два погодоци ја прекина низата на противникот, но очигледе беше далеку посериозниот пристап на противничката репрезентација во второто полувреме во однос на првиот дел. Скандинавците преку Хансен стигнаа и до „плус пет“ (20-15), принудувајќи го Раул Гонзалес да го земе и вториот тајмаут во полувремето по само 13 минути игра.

Сепак, тоа не промени ништо во случувањата на теренот, Данците целосно ги контролираа и играта и резултатот, на крајот триумфирајќи со преубедливи 20-31.

Кузмановски со шест гола беше најефикасен во македонскиот табор, пред Манасков и Стоилов со по четири, додека на голот повторно добар настап прикажа Митревски со 10 интервенции.

За жал, Македонија по одличниот старт во Загреб нанижа три порази во Вараждин и го расипа впечатокот оставен со извонредната прва рунда. „Црвено-жолтите“ најверојатно ќе го освојат десеттото место на овој шампионат, но ќе остане тагата по вчерашниот несреќен пораз од Чешка што можеше да ни донесе дури и битка за петтата позиција.

Се вчитува...