ЕХФ пресуди за Металург: Висла мора да плати за Обрадовиќ

Немања Обрадовиќ има валиден договор со Металург на уште една сезона и нема да може да се пресели во Висла Плоцк доколку полскиот вицепрвак не се согласи да му исплати отштета на клубот од „Автокоманда“.

Во таборот на „металурзите“ се слави оваа одлука на Арбитражата на ЕХФ, која утврдила дека трансферот на српскиот бек е невалиден и истиот може да се реализира само со „амин“ од раководството на македонскиот вицешампион. Арбитражата се прогласила ненадлежна за утврдување на сумата што Полјаците треба да ја платат, порачувајќи им на клубовите да најдат заеднички јазик.

Обрадовиќ уште во текот на ланската сезона потпиша за Висла, но Металург веднаш стави до знаење дека наспроти тврдењата на Србинот, тој има валиден договор на уште една година. Челниците на Висла инсистираа дека тој е слободен и бекот ги стартуваше подготовките во полскиот клуб, па интересно ќе биде да се види дали оваа екипа ќе се согласи да му плати на Металург, или пак целосно ќе го откаже трансферот.

Се вчитува...