Елмас, Митровски и Тодороски од утре се приклучуваат на селекцијата до 21 година

По обезбедениот пласман во елитната фаза од квалификациите за ЕП, меѓу 28 најдобри селекции во Европа, тројца членови од репрезентацијата до 19 година од утре се приклучуваат на младата селекција до 21 година која на 14. ноември од 13 часот на „Филип Втори“ ја очекува квалификацискиот натпревар против Австрија.

Членот на турски Фенербахче, Елиф Елмас, офанзивецот од Спортинг Лисабон, Димитар Митровски како и дефанзивецот на Вардар, Тодор Тодороски се тројцата фудбалери кои на барање на селекторот Благоја Милевски од утре ќе се приклучат на тренинзите на младата репрезентација до 21 година.

Елмас, Митровски и Тодороски се неопходни во националниот тим на Милевски во желбата да се стигне до позитивен резултат против Австрија со кој репрезентативците до 21 година би се вратиле со реални шанси повторно во битка за врвот во квалификациската група за пласман на ЕП 2019.

Репрезентација до 19 години, пак, на 14. ноември го игра последниот натпревар од квалификациската група против Лихтенштајн. Но, веќе си го обезбеди пласманот во елитните квалификации на УЕФА.

Се вчитува...