Елустондо: Подготвени сме за нов триумф…Сакристан: Го респектираме Вардар

Шпанскиот тим Реал Сосиедад размислува само за победа во пресрет на утрешниот натпревар против Вардар во рамките на Лигата на Европа. Иако избраниците на Еузебио Сакристан го декласираа македонскиот првак со 0-6 на мечот на арената „Филип Втори“, сепак, стратегот има максимален респект за „црвено-црните“.

„Максимално го респектираме Вардар. Знаеме дека тие ќе се борат со сите сили на утрешниот натпревар и не се залажуваме дека ќе биде лесно како на првиот меч во Скопје. Тогаш брзо го отворивме резултатот и натпреварот отиде во наша насока. Сепак, уверени сме дека поседуваме квалитет за да славиме и утре. Таа победа ќе ни ги отвори вратите за пласман во следната фаза од ова натпреварување“, изјави тренерот на Реал Сосиедад, Еузебио Сакристан.

Дефанзивецот Ариц Елустондо во име на фудбалерите на домашниот тим ја истакна решеноста Реал Сосиедад да стигне до нова победа.

„Подготвени сме за нов триумф против Вардар. Ова е одлична можност за нас да освоиме нови три бода и да ги решиме дилемите за пласман во нокаут фазата од Лигата на Европа. Нема да се опуштиме по убедливиот резултат на првиот натпревар, знаеме дека утре мечот стартува со 0-0“, истакна Елустондо.

 

Се вчитува...