Елвир Куртановиќ: Лошата политика на КФМ ги брка младите од спортот

По четиримесечно убедување помеѓу КФМ и неколку карате клубови, федерацијата остана на својата позиција да не им дозволи настап на своите репрезентативци на Светското првенство во Тенерифе – Шпанија. Сега е веќе доцна да се смени било што, а и нема расположение за исправање на грешките, туку сега, како што вели тренерот на КК Кеикс, Елвир Куртановиќ, еден од оние каратисти кои оставија голем белег во нашиот спорт, и понатаму може да се зборува само за материјалните и нематеријалните штети на натпреварувачите и карате клубовите кои ќе се утврдуваат по законски пат.

„Незадоволството поради забраната за настап на Светско првенство која беше донесена од КФМ (но не и од Светската карате федерација) го манифестираа КК Кеикс за својата натпреварувачка Азра Цури и КК Металург за Марија Петровска. Азра Цури веќе јавно се изјасни дека се повлекува од својата карате кариера, а Марија Петровска со силна поддршка од родителите продолжи со натпреварувањата и докажа дека има добра форма за учество на Светско првенство (одличен настап на Истанбул опен и Кроација Опен ). Јавноста треба да знае дека за Марија Петровска учеството на Светско првенство и обезбедува најмногу бодови т.е е квалификационен натпревар за учество на Младинските олимписки игри 2018 година во Буенос Аирес, а за Азра е претквалификациски натпревар за Олимписките Игри во Токио 2020 година“, истакнува Елвир Куртановиќ.

Забелешки и укажувања за усвоениот Правилник за избор, финансирање и наградување приложија КК Металург, КК Макпетрол и КК Кеикс до својата матична федерација, но како и вообичаено КФМ не беше расположена за исправки и корекции. Она што сега е актуелно од овој правилник е условот за настап на КФМ, за кој Куртановиќ, вели:

„Најгласен сум и сега и пред четири години кога се постави ова прашање за условување на натпреварувачите да настапуваат на Светски првенства под изговор дека само најквалитетните треба да настапуваат, што во пракса не се оправда. Да потсетам дека со предлогот од пред четири години право на настап на Светското првенство требаа да имаат само медалистите од претходното Европско првенство, а во тој момент овој услов го исполнуваа само тројца репрезентативци. Мојата реакција беше гласна и јасна со оглед дека бев член на ИО на КФМ, а и долгогодишен спортист – каратист, по што следеше мое исклучување од ИО на КФМ на еден нелегален начин. На Светското првенство во Шпанија по мојата силна реакција настапија 80 % од репрезентацијата, само не и членката на КК Кеикс.“

Елвир Куртановиќ конкретно се задржува на член од правилникот за настап на каратистите во репрезентацијата на Македонија.

„Забелешките на сегашниот правилник се во повеќе негови делови, но ќе се задржам само на член 8а од правилникот, за кој исто така се спориме. Правилникот е спорен поради својата содржина, селективност, дискриминација и условите во кој е донесен и во кои се применува. Прекршен е и првиот услов од правилникот од споменатиот член да првопласираниот каратист во својата категорија се стекнува со статус репрезентативец, што преставува преседан во спортот и прв ваков случај во КФМ. За реакциите и забелешките уште многу можам да објаснувам, но како што реков на почеток ова дополнително ќе се утврдува и ќе се бара одговорност и штета, но како и да заврши нема да им го врати загубеното на спортистите и клубовите, како што не ми ја врати ни мене прерано завршената спортска кариера поради институционална негрижа, лошата политика, демонстрирање на моќ и недостаток на спортска интелегенција.

Вреди да се знае дека настапот на нашите репрензетативци на Светското првњнство во Шпанија, кое според мои информации е финансирано од АМС за што КФМ не дава никакви информации, зависи исклучиво од една одлука на КФМ без никој во иднина да може да ја оспорува и не е на ничија штета, туку е во согласност со законот и со Статутот на КФМ“, завршува Куртановиќ со својата реакција.

Се вчитува...