Емотивно обраќање на Раниери по отказот: Умре мојот фудбалски сон!

Повеќе од 20 часа без престан се испраќаа бројни критики кон раководството на Лестер за отказот на Клаудио Раниери, човекот кој го изгради најголемиот успех на клубот во неговата историја.

Силна поддршка Раниери изминатиов период доби и од своите колеги Жозе Мурињо, Антонио Конте и Јирген Клоп кои нагласија дека апсолутно никој нема да може да го избрише чудото кое тој го направи со Лестер.

По вчерашниот отказ и Клаудио Раниери се обрати преку соопштение до светската фудбалска јавност, емотивно потенцирајќи дека за него завршил вистинскиот фудбалски сон…

„Мојот сон е мртов. По еуфоријата од минатата сезона и шампионското крунисување во Премиер лигата, се што сонував е само да останам во Лестер, клубот кој ќе го сакам засекогаш. За жал, тоа не успеа да се оствари. Сакам да и се заблагодарам на мојата сопруга Росана, на целото мое семејство за беспрекорната поддршка за време на мојот престој во Лестер. Мојата благодарност оди и до Паоло и Андреа кои ме придружуваа низ ова прекрасно патување. До Стив Катнер и Франко Гранело кои ми овозможија да станам шампион. Најмногу треба да му се заблагодарам на Лестер. Авантурата беше неверојатна и ќе остане во мене засекогаш. Благодарност до сите новинари, до медиумите кои уживаа известувајќи за најубавата приказна во фудбалот. Од срце им благодарам на сите во клубот, на играчите, на вработените во клубот, на сите кои беа дел од тоа што го остваривме. Секако најголема благодарност до навивачите. Бев во вашите срца од првиот ден. Тоа е најдрагоценото нешто кое може да го добие еден тренер. Јас ве сакам исто толку колку и вие мене. Никој не може да ни го одземе тоа што заеднички го остваривме. Се надевам дека со насмевка ќе се навраќате на нашиот заеднички период. Ова време во Лестер никогаш нема да го заборавам. Ми беше задоволство и чест да се биде шампион заедно со сите вас“ – вели меѓу другото во своето соопштение Клаудио Раниери.

Се вчитува...