Енис Барди пред бомбастичен трансфер во Германија!?

Македонскиот репрезентативец Енис Барди е пред бомбастичен трансфер во германската Бундеслига кој треба да се реализира ова лето, дознава ЕКИПА.

Настапите на 21-годишниот Барди во дресот на унгарскиот Ујпешт изминатиов период директно во Будимпешта беа следени од скаути на неколку германски бундеслигаши, но и еден од најценетите менаџери за германскиот пазар, поранешниот фудбалер на Минхен 1860 и Борусија Дортмунд, Мирослав Стевиќ.

Стевиќ, според нашите информации, во друштво на менаџерот на Барди, Меритон Бериша како и вардаровата легенда Ерол Демир, изминатиов месец ги следеше настапите на Енис Барди на дуелите против МТК и Видеотон.

bardi so francija

Се уште не се открива клубот каде Барди би ја продолжил кариерата, но според нашите извори, исклучувајќи го Горан Пандев, се работи на еден од најголемите трансфери во фудбалската историја на независна Македонија. Интерес, иако неофицијално, за Енис Барди има од повратникот во Бундеслигата, екипата на Штутгарт, но и германскиот гигант Борусија Дортмунд!

Сепак, трансферот би се реализирал по завршувањето на Европското првенство во Полска. Мирослав Стевиќ, во друштво на претставници на заинтересираните клубови од Германија, ќе го следи настапот на Барди и директно на дуелите против Шпанија, Србија и Португалија во Полска.

Не е тајна дека интерес за еден од најдобрите македонски млади фудбалери има и од Динамо Загреб, но и од унгарскиот Видеотон. Согласно нашите информации и двете екипи нудат по 800.000 евра за откупување на договорот на Барди, но со тоа апсолутно не се согласува раководството на Ујпешт кое очекува милионски трансфер за македонскиот репрезентативец!

Се вчитува...