Еурофарм Работник го победи Пелистер во битолското дерби

Ракометарите на Еурофарм Работник во дреаматичен финиш, славеа минимална победа против градскиот ривал Пелистер со 26-25, во битолското дерби во суперлигашкиот плеј-оф. Дуелот на двете битолски екипи пред полните трибини во салата „Младост“ донесе интересен и во поголемиот дел резултатски изедначен натпревар. Во првиот дел двете екипи се менуваа во минимално водство, но ниедна не успеа да се одлепи со поголема разлика, а на одмор заминаа со изедначен резултат 12-12.

Еурофарм Работник кој во овој дуел ја имаше улогата на домаќин, второто полувреме го почна офанзивно и прв дојде до два гола предност поведувајќи со 14-12. Пелистреци брзо возвратија и  дојдоа до ново изедначување. На почетокот од последната четвртина, Пелистер ја презеде иницијативата и со серија од 4-0 поведе со 20-22, а потоа и со 21-24. Но, тогаш стапи на сцена голманот Градимир Чаневски кој со неколку успешни интервенции го врати Еурофарм Работник одново во игра. Одбраните на Ченевски донесоа поголема сигурност во играта на „фармацевтите“ кои постигнаа неколку гола во серија и одново се вратија во позитива (24-25).

Во неизвесната завршница, Еурофарм Работник не ја искористи шансата да дојде на +2, а Пелистер казни со ново изедначување на 25-25. Серхио Барош погоди за нова предност на Еурофарм Работник. Во последните секунди од натпреварот, Пелистер беше во можност да извлече нерешено, но Чаневски беше јунакот на Еурофарм Работник. Голманот на домаќините го одбрани ударот од седум метри на Богдан Николиќ и ја завери победата на својот тим.

За Еурофарм Работник ова е втор триумф во плеј-офот, а за Пелистер трет пораз во четирите одиграни натпревари. Металург е во водство на табелата со максимални четири победи.

Се вчитува...