Евролига трансфери: Гудлок во Армани, Симон во Ефес

Евролигашките екипи се максимално активни на пазарот за доведување на нови врвни кошаркари. Италијанскиот гигант Емпорио Армани по кошмарната сезона и губењето на титулата во домашното првенство прави ремонт во тимот, за тренерот беше доведен екс-селекторот Пјаниџани, а како големо засилување пристигна Ендрју Гудлок. Тој беше една од ретките светли точки во тимот на Макаби минатата сезона, но одличниот бек реши да си замине од Израел и ја прифати понудата за двогодишна соработка со Емпорио Армани.

Тимот од Милано во меѓувреме го напушти Крунослав Симон, откако хрватскиот репрезентативец ја прифати понудата на Анадолу Ефес и во следните две сезони ќе го носи дресот на турскиот кошаркарски гигант.

Макаби ги засили своите редови со Карам Машур, 25-годичен играч кој доаѓа од Бнеи Херзилија и кој во просек во израелското првенство имаше дабл-дабл од 14,5 поени и 10,3 скокови по натпревар. Машур воедно станува и прв арапски кошаркар кој ќе заигра за „гордоста на Израел“.

Се вчитува...