Европскиот првак тргнува во одбрана на титулата во ЛШ и во освојување на „Орлен Арена“

Никогаш досега Вардар ја нема освоено „Орлен Арена“ во Плоцк, но вечерва може да се смени таа „традиција“. Актуелниот европски шампион и денеска (19 ч.) и гостува на Висла Плоцк во првиот натпревар од групната фаза во новата сезона во Лигата на шампионите.

Како лански победници во ЛШ, вардарци во новата сезона ја имаат улогата на фаворит во секој дуел. Со перфектниот старт и трите победи во серија во прбите три натпревари во регионалната СЕХА лига, „црвено-црните“ потврдија дека во новата сезона влегуваат добро подготвени и решени да ја сменат „традицијата“  по која ниеден шампион досега откако се игра ЛШ по новиот систем, не успеал да ја одбрани титулата.

Вардар ќе има „статистички предизвик“ и во вечерашниот дуел во Плоцк. Македонкиот првак досега нема победа против Висла Плоцк на нивниот домашен терен во „Орлен Арена“. Во сезоната 2014/2015, вардарци беа поразени со 26-32, а една година подоцна, со Висла Плоцк одиграа нерешено (30-30).

„Ако игра статистиката, тогаш имаме сигурно позитивен резултат“ – се пошегува тренерот на Висла Плоцк, Пјорт Пжибецки, додавајќи дека наспроти статистиката, на паркетот вечерва ги очекува исклучително тешка задача во дуелот со европскиот шампион.

„Минатата сезона Вардар покажа што може да си дозволи, може да згризат. Со нетрпение го очекуваме овој дуел. Ќе се обидеме да ги искористиме нашите предности. Се надевам дека ќе имаме жешка атмосфера во салата, на играчите тоа им е потребно како воздух. Свесни сме што има Вардар и дека Арпад Штербик е во состојба да го сопре било кој тим во светот. Нашата главна цел е да најдеме начин да им ги одземем тие адути на наш терен. Мора да играме поагресивно во одбраната и да имаме што повеќе лесни голови од контранапади, за да имаме шанса да го добиеме овој дуел. Одбраната ќе мора да им помогне на нашите голмани да фатат вистински ритам“ – истакнува Пжибецки.

Шест ракометари од ланскиот состав заминаа од Висла Плоц, меѓу кои и шпанскиот голман Родриго Коралес и рускиот „бомбардер“ Димитри Житников, а дојдоа четири нови играчи меѓу кои за македонската јавност најпознато е името на поранешниот ракометар на Металург, Немања Обрадовиќ. Српскиот бек, по комплетирањето на трансферот, токму на вечерашниот меч ќе го има и својот деби настап за полскиот клуб.

Од таборот на Вардар пак позитивна вест е дека Лука Циндриќ ги надминал проблемите со повредата и дека ќе му биде на располагање на тренерот Раул Гозналес за вечерашниот натпревар на стартот од ЛШ.

Се вчитува...