Европско деби со победа на Работник

Екипата на Работник имаше успешно европско деби откако во својот премиерен натпревар во Челинџ-купот избраниците на Илија Темелковски славеа над литванскиот претставник Каунас со резултат 28-24.

Битолчани клучната разлика ја направија уште во првото полувреме, кога благодарение на голманот Умовиц и неговите два одбранети пенали успеаја да се одлепат, па на одмор да заминат со „плус четири“ (12-8). Работник одлично го почна и вториот дел, поведе со шест гола, но накратко беше исфрлен од ритам откако гостите тргнаа со „фластер“ на Дрогришки. Литванците ја преполовија предноста на 15-12, за на десет минути до крајот македонскиот претставник повторно да дојде до шест гола предност (22-16), пред се благодарение на голманот Ивановски. Гостите сепак се разбудија во самиот финиш и се приближија на конечни четири гола (28-24), резултат што најавува неизвесност пред реваншот во Литванија.

Крилата одиграа беспрекорно за македонскиот тим, па Ојлески со осум и Мојсоски со шест гола беа најефикасни кај Работник, додека прв стрелец на Каунас беше Древникос со осум погодоци.

Се вчитува...