Фантастично полувреме на Циндриќ, Данска го доби скандинавското дерби

Хрватска ја забележа и третата победа во серија во групата Ц во Руен, а најзаслужен за триумфот од 31-25 над Белорусија е Лука Циндриќ. Бекот на Вардар одигра феноменално прво полувреме, постигнувајќи осум гола од исто толку обиди и предводејќи ја својата селекција до новиот триумф. Белорусите во вториот дел најдоа начин да го запрат Лука, но Хрватите докажаа дека се поквалитетна репрезентација и си го визираа пласманот во следната рунда.

Данска во фантастичен натпревар го доби скандинавското дерби против Шведска со 27-25. Олимписките шампиони се одлепија од самиот почеток, на полувреме заминаа со предност од 14-10, но Швеѓаните експресно се вратија на стартот од второто полувреме. Во финишот се играше „гол за гол“, во последната минута Данска имаше водство од 26-25, пред Линдберг да стави крај на дилемите околу победникот на овој меч. Хансен постигна осум гола за победничката селекција, но играч на натпреварот беше Никлас Ландин со неверојатни 23 интервенции.

Полска претрпе уште еден пораз на овој мундијал, губејќи со 24-20 на дуелот со Русија. Ковалев со седум и Атман со пет погодоци беа најефикасни во новиот триумф на „зборнаја“.

Се вчитува...