Федерер искрен: Не заслужив место во полуфинале

По поразот од Хуан Мартин дел Потро и елиминацијата во четвртфиналето на УС Опен, Роџер Федерер искрено призна дека не бил целосно подготвен за овој дуел, ни физички ни психички, и дека со таква игра не заслужува место во полуфиналето на американскиот гран-слем. Федерер пред почетокот на УС Опен имаше проблеми со грбот и не влезе стопроцентно во ова натпреварување.

Тоа беше еден од оние мечеви во кои, ако налетам на навистина добар тенисер, тогаш ќе загубам. Не бев негативен, но не бев ни целосно подготвен. Зависев од противникот и не го сакам тоа чувство. Тоа ми се случуваше во текот на овој  турнир, тоа чувство го имав на секој меч“ – изјави 36-годишниот Роџер Федерер.

Швајцарецот годинава оствари добри резултати и потсети на своите најдобри денови,  триумфира на Австралија Опен и на Вимблдон и ја прекина серијата од пет години без освоен гран-слем.

Не се чувствував вака на Вимблдон, ни во Австралија и поради тоа заслужено испаднав од овој турнир. Не бев доволно добар во својот ум , во своето тело, но ни во својата игра“ – искрено признава швајцарскиот тенисер со 19 гран-слем титули во својата колекција.

Федерер не настапи на Ролан Гарос, а во Њујорк дојде непоразен на гран-слем турнирите, со само три порази вкупно годинава. Повредата на грбот со која се здоби на турнирот во Монтреал му ги наруши подготовките за УС Опен. Дека Швајцарецот има проблем се виде уште на првите два меча во Њујорк кои ги доби после пет сета. Но, тој најави дека ќе се опорави од поразот и дека во наредните неколку дена ќе се обиде добро да се одмори и да го надмине тоа што му беше проблем во Њујорк.

„Не ми е место во полуфиналето. Дел Потро добро сервираше и добиваше важни поени кога беше потребно. Тоа го правеше многу подобро од мене и искрено, тој ќе има многу поголеми шанси да го победи Рафа“ – изјави Федерер.

Се вчитува...