Федерер ја откри тајната, како го победува Рафаел Надал

Роџер Федерер во текот на целата кариера доминираше против ривалите, со исклучок на Рафаел Надал. Шпанецот беше вистински кошмар за швајцарската тениска легенда, па затоа интересно е што Федерер токму пред крајот на својата кариера го најде лекот за Надал, добивајќи ги последните пет дуели против него. Денешното финале во Шангај заврши со рутинска победа на Федерер од 2-0 во сетови, по што Швајцарецот откри и што најмногу му помогнало да почне да го победува големиот ривал.

„Тој има многу повеќе победи од мене, најмногу поради тоа што порано игравме бројни мечеви на земјена подлога. Сезонава јас воопшто не играв на тие турнири и тоа ми помогна да ја одржам серијата победи против него, ако игравме на земја јасно е кој ќе славеше“ – на шега го почна коментарот Федерер, а потоа додаде: Мислам дека поголемиот рекет што го користам ми помага против Рафа. Со него подобро го удирам топчето, воедно и немам потреба толку многу да играм „слајс“, нешто што му одговара. Да бидам искрен, најмногу од се профитирам од сервисот, поголемиот рекет ми дава поголема сигурност. Тоа важи за сите мечеви, но и ја прави разликата кога играм против големи ривали како Надал.

Со трофејот во Шангај швајцарскиот тенисер ќе ја намали и негативата во однос на големиот ривал на врвот на АТП-листата, но Федерер е дециден дека тоа не е негов приоритет.

Веќе реков, играм како што се чувствувам, ако сум свеж ќе се пријавам на уште неколку турнири, ако не ќе решам да одморам. Првото место не ми е приоритет, сакам да уживам на сите турнири на кои играм, а не да се оптоварувам со трка со Надал“ – истакнува Роџер Федерер.

Се вчитува...