Федерер: Ќе дадам сè од себе на АО, па и да не можам да одам во наредните пет месеци!

Во маратонски меч, Роџер Федерер го реши Станислас Вавринка и си закажа финале на Австралија опен. И покрај болките во коленото, швајцарскиот тенисер успеа да се врати во игра и по изедначувањето на сонародникот и да го добие мечот во тајбрејкот.

„Помислив дека Стан се опушти и дека ќе можам да го добијам лесно, но тогаш лошо ми тргна сервисот. Одигравме добар тенис во петтиот сет. Имав проблеми со клоленото уште во вториот гем и мислам дека навреме повикав медицински тајмаут за да го санирам. Тој физиотерапевтот има магични раце“ – низ смеа започна Федерер да ги раскажува првите впечатоци од мечот.

Противникот во финалето, Федерер ќе го добие по утрешниот меч помеѓу Григор Димитров и Рафаел Надал. Доколку Надал се избори за финале, тоа ќе биде нивна прва средба во финален меч на Гранслем турнир по шест години.

„Сега финалето е реалност, претходно не зборував на таа тема бидејќи не бев сигурен дека ќе се пласирам и тоа по долго време. Ќе дадам сè од себе на АО, па макар и да не можам да одам во наредните пет месеци. Надал е најголемиот предизвик овде и јас сум негов најголем фан. Имавме неколку епски битки во изминатите години, би било нереално да се сретнеме во финалето, но и навистина посебно. Пред неколку месеци разговаравме за заеднички хуманитарен меч, но двајцата се повредивме и тој план пропадна во вода“ – вели искусниот тенисер.

И покрај желбите на Федерер, постои веројатност во финалето тој да се пресмета против Григор Димитров кој претходно ги елиминира Гофин, Истомин и Гаске.

„Игра комплетно, знае како да ги искомбинира потезите против тие што играа. Ми се допаѓа како игра. Сите ги изненади, јас не мислев дека ќе издржи“ – дополни Федерер.

Се вчитува...