Фелипе стигна до „стотка“ во Вардар: Елиминацијата на Фенербахче беше ‘лудило’

Бразилскиот интернационалец Хуан Фелипе го одигра стотиот натпревар за македонскиот првак Вардар во сите конкуренции. Мечот против Скопје (3-0) кој го одбележа и со прекрасен погодок, за Фелипе беше 75. првенствен натпревар, 14 меча има одиграно во Европа, 10 во Купот на Македонија и 1 во Суперкупот на Македонија. До сега има освоено две шампионски титули, и еден Суперкуп со „црвено-црните“.

„Драго ми е што стигнав до овој јубилеј, 100 натпревари во дресот на Вардар. Посакувам барем уште минимум 100 натпревари во овој тим. Чест ми е што сум дел од клубот, а уште подраго ми е што овој јубилеј дојде во моментите кога тимот го направи најголемиот успех во историјата и игра во групната фаза од Лигата на Европа“, вели Фелипе за официјалниот сајт на клубот.

Како меч што засекогаш ќе го памети, секако, го издвојува натпреварот со Фенербахче во Истанбул, кога Вардар направи историски успех и се пласира во групната фаза од Лигата на Европа.

„Уште од првиот ден одлично сум примен во екипата. Повеќе од две години сум тука од овој тим, доживеав одлични моменти, но во вечно сеќавање ќе ми остане натпреварот со Фенербахче во Истанбул, кога обезбедивме пласман во групната фаза од Лигата на Европа, момент кој не се опишува со зборови. Кога стигнавме во Скопје бевме дочекани како вистински херои. Тоа доволно кажува што значи овој тим тука во Македонија и дека луѓето знаат да се радуваат на успесите. Сето тоа е за нас и дополнителен мотив да се обидеме во иднина да го повториме тој успех, дури и да го направиме уште поголем “, истакнува Фелипе.

Се вчитува...