Фенер поведе со 2-0 против Бешикташ, Антиќ пак гледаше од трибини

Фенербахче поведе со 2-0 во финалната серија од турскиот плејоф против Бешикташ, откако тимот на нашиот Перо Антиќ повторно ја искористи предноста на домашниот терен славејќи над градскиот ривал со резултат 83-74. Македонскиот интернационалец повторно мечот го следеше од трибините, откако тренерот Обрадовиќ направи една рокада при изборот на странци во однос на првиот меч, давајќи му предност на Нанали пред Датоме.

Бешикташ беше достоен ривал само во првото полувреме, во кое Фенер имаше предност од 39-36, за потоа новиот европски првак да заигра далеку поцврсто во одбраната и да стигне до убедлива предност. Откако дојде до „плус 15“, Фенер имаше мал пад во играта, но „сино-жолтите“ навреме се разбудија, не дозволија изненадување и заслужено стигнаа до победата.

Богдан Богдановиќ со 19 поени и седум асистенции беше главна фигура на оваа средба, Весели постигна 16, а Калиниќ 15 поени за Фенербахче, додека прв стрелец на Бешикташ при денешниот пораз беше Штимац, кој оствари дабл-дабл од 15 поени и 11 скокови.

Се вчитува...