Фенербахче го даруваше Антиќ, па ја растури Црвена звезда

Фенербахче експресно се рехабилитираше од последниот пораз на домашен терен од Жалгирис, па вечерва ја декласираше екипата на Црвена звезда со убедливи 82-56. Шампионот на АБА-лигата допатува во Истанбул со серија од три победи, две од нив на гостински терен во Мадрид и во Валенсија, но „црвено-белите“ овојпат немаа ни најмала шанса за сензација.

Во фокусот на вниманието беше нашиот Перо Антиќ, македонскиот ас кој пред почетокот на натпреварот го доби шампионскиот прстен за освоената титула во Евролигата минатата сезона. Тој беше со аплаузи поздравен од навивачите и соиграчите, но Турците потоа не покажаа милост кон Антиќ и соиграчите, декласирајќи го гостинот со убедливи 26  поени разлика.

Мечот беше „прекршен“ кон средината на втората четвртина, кога Црвена звезда по предноста од 25-28 се соочи со огромни проблеми во нападот, а Фенер знаеше како да го искористи тоа и на одмор да замине со предност од 41-33. Сите шанси за камбек исчезнаа откако Црвена звезда не постигна ниту еден поен во првитее три минути од второто полувреме, Фенербахче уште повеќе се одлепи и на крајот славеше преубедлива победа.

Антиќ го заврши натпреварот со шест поени, еден скок и една украдена топка, двоцифрен ефект кај Црвена звезда имаше само Добриќ со 15 поени, додека најефикасни кај Фенербахче беа Весели со 15 и Датоме и Вонамејкер со по 13 поени.

Се вчитува...