Фенербахче го освои Мадрид, грчкото дерби за Олимпијакос

Фенербахче повторно влегува во ритам во клучниот дел од сезоната, откако актуелниот европски првак стигна до голема победа во Евролигата, на гостински терен против Реал Мадрид со резултат 83-86. Тимот на Жељко Обрадовиќ фуриозно почна, поведувајќи со двоцифрена предност по само пет минути, но „кралевите“ уште до крајот на полувремето го свртеа резултатот во своја полза, поведувајќи со 45-40. Клучниот пресврт сепак беше направен во второто полувреме, кога Фенербахче најпрвин се одлепи, а потоа го издржа завршниот налет на домаќините за конечна победа од 83-86.

Слукас со 20 и Датоме со 17 поени беа клучни играчи во триумфот на актуелниот европски шампион, а најефикасни кај Реал Мадрид беа Керол со 15 и Дончиќ со 14 поени.

Големото грчко дерби меѓу Панатинаикос и Олимпијакос по огромна битка беше решено по продолжение од пет минути, со триумф на гостинскиот тим од 85-87. ПАО се врати од двоцифрена негатива и ја доби последната четвртина со 21-9, носејќи го мечот во продолжение, но Калатес не можеше сам да ја донесе победата, па „црвено-белите“ си заминаа како победници од ова жешко гостување.

Брајан Робертс со 18 поени (4/4 за тројка) беше најефикасен кај Олимпијакос, пред Принтезис и Спанулис со по 15 поени. Ник Калатес го заврши мечот со 23 поени и 10 асистенции за Панатинаикос, што сепак се покажа премалку за да се земе скалпот на големиот ривал.

Се вчитува...