Фенербахче го претстави Елиф Елмас како идна голема ѕвезда

Македонскиот суперталент Елиф Елмас денеска и официјално е претставен како ново засилување на турскиот гигант Фенербахче. Тој беше презентиран како идна голема ѕвезда на клубот и на европскиот фудбал, заедно со уште две големи засилувања кои пристигнаа во редовите на Фенербахче, Холанѓанецот Винсент Јансен и Бразилецот Луис Нето.

elif elmas pretstavuvanje 4

„Фенербахче е голем клуб и јас сум среќен што сум дел од него. Не размислував воопшто кога дојде понудата да се приклучам на Фенербахче. Моето семејство, но и многу мои другари од детството навиваат токму за овој клуб, па за мене тоа е исполнување на сонот. Се надевам дека ќе успеам да се наметнам, иако сум свесен дека во тимот има многу искусни и квалитетни фудбалери. Не е проблем што ќе треба да почекам до јануари за да добијам право на настап, така ќе имам и доволно можност за подобро да се прилагодам на турскиот фудбал. Сакам да го поздравам и мојот добар пријател Перо Антиќ, кој исто така имаше голема улога за моето доаѓање“, изјави Елиф Елмас на официјалната презентација.

Елиф Елмас пред неколку дена стана полнолетен, кога и официјално стапи во сила неговиот петгодишен договор со турскиот клуб Фенербахче. Сепак, за да биде лиценциран за настап во турското првенство ќе мора да го почека зимскиот преоден рок. Турските медиуми најавуваат дека тој ќе ја земе лиценцата на славниот Холанѓанец Робин ван Перси, кој ќе си замине од клубот.

Се вчитува...