Феноменот Шкендија: Единствена екипа во Европа со по најмалку два гола на секој меч!

Тетовска Шкендија ја игра убедливо најдобрата своја полусезона во историјата на клубот. Вистински моќно, со само два порази, тетовци стигнаа до есенската круна најавувајќи отворена можност за нова шампионска титула по онаа во сезоната 2010/2011.

„Полусезона со љубов и верба во тимот… Тие се двете нешта кои не водеа на патот до успехот. Полусезона со извонредна атмосфера меѓу самите фудбалери, кои живеејќи како едно големо семејство силно веруваат во своите квалитети. Кога е така и резултатите на можат да изостанат“ – вели творецот на новиот лик на Шкендија, стратегот Ќатип Османи со кого „црвено-црните“ конечно дочекаа среќни денови.

Осврнувајќи се на изминатите четири натпреварувачки месеци од сезоната, десет нешта се издвојуваат поврзани со Шкендија во кои можеби лежи клучот за еден од најуспешните периоди во историјата… Меѓу нив не може да се замижи пред реализираниот ефект – единствена екипа во Европа која има постигнато по најмалку два гола на секој одигран натпревар во првенствотоактот; но и фактот дека до одличните резултати се стигна на темел на домашните фудбалери, како екипа со најмал број странци во Првата македонска фудбалска лига!

  • Ќатип Османи – Раководството на тетовци конечно донесе мудра одлука кога е во прашање тренерската функција во клубот. Завршија „експериментите“… На клупата е донесено едно од најдобрите домашните тренерски имиња. Резултатите очигледни!
  • Ферхан Хасани – Најдобар стрелец во моментов во Европа со 17 постигнати гола, иако за поголемиот дел од национални шампионати се уште трае есенскиот дел.
  • Единствена екипа во Европа со по најмалку два постигнати гола на секој натпревар – Шкендија е вистински феномен од овој аспект. Тетовци есенва постигнаа најмалку по два гола на сите одиграни 18 натпревари. Дури и во поразите од Вардар (4-2) и Академија Пандев (3-2) и во единственото реми со Победа (3-3).
  • Убедливо најефикасна екипа во Европа – Шкендија е најефикасната екипа во Европа со 55 погодоци на 18 натпревари, или во просек по 3 гола на натпревар.
  • Двоецот Ферхан Хасани – Бесарт Ибраими – Ја играат најдобрата сезона во кариерата. Заедно имаат 30 постигнати гола од вкупно 55 на Шкендија, притоа дополнето и со 17 меѓусебни асистенции. Интересно, вториот најефикасен тим во лигата, Вардар, досега има постигнато вкупно 28 гола на 16 меча.

Hasani i Ibraimi

  • Повеќе од две години без пораз на домашен терен – Повеќе од две години Шкендија нема пораз на домашен терен, или од 26. октомври 2016 година кога загуби од Шкупи со 0-1. Тече во моментов низата од 21 натпревар на Шкендија без пораз во Тетово, на кои има 17 победи и 4 ремија!
  • Најубедливи победи во есенскиот дел – Ренова (1-6), Силекс (5-0) и Работнички (2-6).
  • Единаесет фудбалери се запишаа во листата на стрелците – Вкупно 55 погодоци есенва се распределени на 11 фудбалери (Тодоровски (1), Бејтулаи (1), Зејнулаи (1), Шефити (2), Алими (4), Абударахими (2), Радески (3), Емини (4), Жуниор (6), Ибраими (13) и Хасани (17)).
  • Домашните фудбалери се темелот на успехот – Шкендија е еден од неколкуте клубови лидери во националните шампионати во Европа со најмал број странци во своите редови. Тетовци имаат само тројца странци (Албанецот Теќа, Челиковиќ од БиХ и Бразилецот Жуниор)…
  • Со најмал број странци во лигата, а убедливо најдобри – Шкендија, заедно со Победа и Ренова се трите екипи кои имаат најмал број странци во своите редови. Со најголем број странци во Првата лига е Вардар со 8 интернационални, по 7 имаат – Пелистер и Работнички, Силекс е со 5 странци, а Академија Пандев, Шкупи и Скопје со по четворица странци во своите редови.

Се вчитува...