Фетел: Го изневеривме тимот, им се извинувам на сите во Ферари

Себастијан Фетел беше дел од инцидентот на стартот од трката на патеката “Марина беј“ на за ГН на Сингапур. Возачот на Ферари стартуваше од пол позицијата, но ја заврши трката уште на стартот и остана без бодови. А, овој инцидент  Фетел на крај може да го чини и шампионска титула. Двајцата возачи на Ферари, Фетел и Раиконен, испаднаа од трката по невнимателниот потег што предизвика судир уште на стартот на трката.

Фетел и Макс Верстапен беа на првите две позиции на стартот и добро ја почнаа трката, но на сопирањето на првиот свиок следуваше напад од Кими Раиконен. Сите тројца влегоа заедно во кривината по што следуваше масовен судир и испаѓање на трите болиди.

„Немам претстава како се случи целиот инцидент. Јас имав предност на стартот и се движев пред Верстапен. Поради сопирањето на првиот свиок, требаше да излезам пред Макс, но во тој момент не знаев дека Кими имал толку добар старт и дека се израмнил со него од другата страна. Немаше како да го видам и бев сигурен дека има место за сите да минеме без проблем. Во спротивно немаше никаква логика толку да ризикувам“ – објаснува Себастијан Фетел.

Германецот во болидот на Ферари има голема причина да биде разочаран од ваквиот развој на настаните по кој се зголеми неговото заостанување зад Луис Хамилтон  кој е во водство во генералниот пласман на возачи.

„Сезоната не е завршена и борбата за титулата се уште е жива. Нема да се предадам до крај. Да, многу сум разочаран што ја испуштив шансата за победа во Сингапур, но тоа е мото спортот, сите ние живееме на таков начин уште од деца кога се натпреварувавме во картинг. Сакам да му се извинам на тимот кој подготви исклучително брзи болиди за мене и за Кими. Ги издадовме на крајот на денот и останавме со нула поени. Треба да го заборавиме овој викенд и да се концентрираме на следната трка“ – вели Фетел.

Се вчитува...