Фетел: Новите правила во Ф1 се како аспирин!

Возачите во Формула 1 на патеката во Барселона ја завршија првата фаза од зимските тестирања пред стартот на новата сезона. Најбрзи на првите тетови беа Мерцедес и Ферари, а новите болиди кои во согласност со новите правила за аеродинамиката се поразлични и многу побрзи од лани, ги воодушевија возачите.

„Новите правила се како аспирин, ги решија сите проблеми. Од апсект на возачите сега е многу подобро во секој поглед“ – ги пренесе првите впечатоци четирикратниот светски шампион, Себастиан Фетел.

Според новите правила за аеродинамика, болидите претрпеа одредени измени, сега се пошироки, сменети се предните и задните спојлери, имаат поизразен дифузер и имаат пошироки пневматици. Новите болиди се за седум секунди побрзи од ланските, што се потврди и на првите тест возења во Барселона.

Во најдобро издание на првите тестови се покажа тимот на Мерцедес кој доминира во Ф1 во последните три сезони. Луис Хамилтон беше најбрз на првиот ден, а неговиот нов клупски колега Валтери Ботас го извозе најбрзиот круг (1:19.705) на ултра меки гуми.

После првите тестопви, Хамилтон истакна дека е воодушевен од перформансите на новиот болид што е добра најава за претстојната сезона.

„Толку брзо не сум летал низ свиоците откако сум во Формула 1! Новите болиди се вистински предизвик за возачите бидејќи бараат исклучителна физичка подготвеност, издржливост и храброст. Освен тоа, болидите се поголеми и престигнувањето ќе биде многу потешко. На трките тоа ќе биде голем предизвик“ – истакнува Луис Хамилтон.

Вториот дел од претсезонските тестирања ќе се одвива следната недела во Барселона. Новата сезона во Формула 1 стартува на 26 март со трката за ГН на Австралија во Мелбурн.

Се вчитува...