ФФМ ги прогласи најдобрите за 2016: Сè во знакот на младите херои и Благоја Милевски! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Кошарка
12/12/2017 22:01
Ракомет
12/12/2017 17:39
Ракомет
12/12/2017 11:00
Коментари
11/12/2017 12:49

ФФМ ги прогласи најдобрите за 2016: Сè во знакот на младите херои и Благоја Милевски!

ФФМ ги прогласи најдобрите за 2016: Сè во знакот на младите херои и Благоја Милевски!

Бесарт Ибраими како најдобар фудбалер во домашното првенство, Илија Несторовски како наш најдобар репрезент во странство и селекторот на младата репрезентација, Благоја Милевски, како најдобар тренер, се добитниците на клучните признанија во изборот на Фудбалската федерација на Македонија за најдобрите во 2016 година, кој се одржа во Македонскиот народен театар.

Но, сосема е јасно дека целата манифестација мина во знакот на младите македонски херои и Благоја Милевски кои се изборија за прв историски пласман на една наша селекција на Европско првенство. ФФМ за првпат оваа година додели Специјална награда за комплетната млада селекција за играчи до 21 година, која им ја додели претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

Сосема очекувано признанието за најдобар тренер отиде во рацете на селекторот на младата репрезентација Благоја Милевски, кој како никој друг досега во историјата на македонскиот фудбал доби овации при добивањето на заслужената награда која ја доби од рацете на нашиот најголем уметник, Симон Трпчески.

IMG_6323

„Не знам колку ќе можам сега под силни емоции да кажам некој збор, но сакам да се заблагодарам на сите лица со кои го градевме патот до ЕП, да се заблагодарам пред се на Фудбалската федерација која ни овозможува одлични услови за работа, но да се заблагодарам на оние наши херои млади момци, за кои не треба многу да се зборува, а се најзаслужните за ова мое признание“ – истакна селекторот Благоја Милевски.

Бесарт Ибраими, поради хируршката интервенција на носот, не беше во можност да присуствува на свеченоста во МНТ, па признанието го прими неговиот татко, а поради обврски во Палермо преку видео порака за признанието се заблагодари Илија Несторовски.

Најдобар млад фудбалер е Елиф Елмас…

elif elmaz

„Голема благодарност за ФФМ на мојот клуб Работнички, на моите соиграчи и стручен штаб без кои сигурно немаше да стигнам до ова признание. Оваа награда ја посветувам на моето семејство“ – рече најдобриот млад фудбалер во Македонија, Елиф Елмас.

Во младинските категории, епитетот најдобар клуб го понесе ФК Вардар, а најдобар тренер Југослав Тренчовски.

„Благодарам на ФФМ за признанието. Ова е најдрагото кое може да го добиете, од сите признанија, затоа што е признание за работа со младите категории. Голема благодарност на сите вклучени во работата во нашиот клуб и секако нашиот сопственик Горан Пандев“ – истакна Тренчовски.

Посебно признание за афирмација на македонскиот фудбал добија 16 општински фудбалски сојузи од Македонија, како и уредникот на спортската редакција на ТВ Сител, Бошко Трпески.

IMG_6356

НАЈДОБРИТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ ВО 2015/2016

Најдобар фудбалер: БЕСАРТ ИБРАИМИ (ФК Шкендија)

Најдобиот репрезент на македонскиот фудбал: ИЛИЈА НЕСТОРОВСКИ (ФК Палермо, Италија)

Најдобар тренер: БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ

Специјална награда: МЛАДА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА ЗА ИГРАЧИ ДО 21 ГОДИНА

Најдобар стрелец во ПМФЛ: БЕСАРТ ИБРАИМИ (ФК Шкендија)

Фер-плеј екипа: ФК Хоризонт Турново

Најдобар судија: ДИМИТАР МЕЧКАРОВСКИ

Најдобар играч во футсал: ИГОР ЛЕОВСКИ (КМФ Железарец)

Најдобар тренер во футсал: ИВАН БОЖОВИЌ (КМФ Железарец)

Најдобар фудбалер во младинска категорија: ЕЛИФ ЕЛМАС (ФК Работнички)

Признание за животно дело: ЉУБИСАВ ИВАНОВ – ЅИНГО

Најдобар фудбалски работник: СЕРГЕЈ САМСОНЕНКО (ФК Вардар)

Најдобар клуб во младинска категорија: ФК Вардар

Најдобар тренер во младинска категорија: ЈУГОСЛАВ ТРЕНЧОВСКИ (ФК Академија Пандев)

Најдобар стрелец во младинска категорија: АЛЕКСАНДАР МИШОВ (ФК Академија Пандев)

Најдобра фудбалерка: ТЕОДОРА ДИМОВСКА (ЖФК Драгон)

Најдобар тренер во женски фудбал: ИЛИЈА МАНДАРОВ (ЖФК Драгон)

Најдобар стрелец во женски фудбал: АФРОДИТА САЛИХИ (ЖФК Драгон)

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.