ФФМ: Супер-купот да не се користи за политички препукувања

Фудбалската Федерација на Македонија преку соопштение до јавноста ги пренесува своите ставови по последните информации за проблемите со стадионот на кој треба да се одигра претстојниот меч од Супер-купот на Европа меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.

Соопштението на ФФМ го пренесуваме во целост:

„Фудбалска федерација на Македонија, градот Скопје и Република Македонија пред три години ја заслужија шансата да го организираме досега најголемиот спортски настан во нашата историја.  Ја добивме довербата на УЕФА да бидеме домаќин на УЕФА Супер Куп финалето 2017 година.

Бидејќи, порано или подоцна, на сите им стана јасно дека станува збор за исклучително голем настан и можност за светска промоција на нашата држава, упатуваме апел до сите институции и тела кои се вклучени во организација на натпреварот конструктивно да пристапат кон финализирање на завршните обврски и заеднички да помогнеме кон успешно организирање на фудбалскиот спектакл на 8. Август на Националната арена.

Би сакале да Ве информираме дека подготовките за Супер Куп натпреварот интензивно се во тек повеќе од една година. Соработката со претставниците на УЕФА е постојана, а Фудбалската федерација на Македонија доследно и навремено реагира на сите забелешки кои се однесуваат на нашиот дел од обврските. На последната прес-конференција на која беа присутни претставници на УЕФА и претставници на клубовите финалисти, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, тоа и се потврди. На низа состаноци сите страни вклучени во проектот се запознаени со текот на подготовките, а исто така, инспекција на УЕФА беше присутна и на натпреварот Македонија – Шпанија, како еден вид генерална проба за Супер Куп натпреварот.

ФФМ прати покана до сите инволвирани страни да бидат дел од процесот на организацијата и подготовка на мечот.

УЕФА е единствен организатор на натпреварот и единствено Европската куќа на фудбалот одлучува за начинот, распределбата и дистрибуцијата на билетите. Ние како федерација немаме било каква поврзаност со продажбата и распределбата на билетите. Истото беше детално објаснето на последната прес-конференција одржана на 13. Јуни на Националната арена.

Како водечко фудбалско тело во државата ве информираме дека секој допис кој се однесува и е поврзан со организацијата на Супер Куп натпреварот го процесуираме до надлежните институции. Последниот, кој се споменува во медиумите е примен на 16. јуни, а по седум минути истиот ден, е препратен до одговорните лица задолжени за овој настан во Владата на Р.М.

ФФМ е спортска федерација која има основна цел, промоција и грижа за фудбалот. Токму поради тоа не смееме да дозволиме Супер Куп натпреварот да биде поле за политички препукувања. Ние сме во контакти со Владата на Р.М. од моментот кога решивме да ја поднесеме кандидатурата за организација на настанот и се досега. Се надеваме дека брзо ќе се надминат сите недоразбирања и ќе бидеме пример за успешна организација на светски настан, натпревар кој ќе ја стави нашата држава на мапата Европски центри кој успеале гордо да ја прикажат државата и спортските вредности и ќе биде предуслов за успешно организирање и на други големи настани.

Фудбалската федерација на Македонија заедно со УЕФА, од поднесувањето на кандидатурата до добивањето на довербата да бидеме домаќини веруваше во нашите можности и капацитети. Остануваме во тој правец се со единствена цел – Да бидеме горди домаќини на големиот фудбалски спектакл“.

Се вчитува...