ФИА покрена истрага, Фетел пред суспензија

Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) покрена истрага против возачот на Ферари, Себастијан Фетел за инцидентот што се случи на неделната трка за ГН на Азербејџан. Фетел на трката во Баку намерно се судри со Луис Хамилтон од Мерцедес во времето кога безбедносното возило беше на патеката, што е забрането според правилата во Формула 1.

Германецот во текот на трката беше казнет со десет секунди, а ФИА покрена и дополнителна истрага за инцидентот и ќе одлучи дали ќе има и дополнителна казна за четирикратниот светски шампион.

„По инцидентот на трката за ГН на Азербејџан, кога Себастијан Фетел беше вмешан  во судар со Луис Хамилтон, ФИА дополнително ќе ги испита причините за инцидентот за да процени дали е потребна дополнителна казна. Известувањето за резултатите од истрагата ќе биде објавено пред трката во Австрија на 9 јули“ – се наведува во соопштението од ФИА.

Фетел по трката во Баку го обвини Хамилтон дека намерно забавувал и ги тестирал сопирачките. Но, според податоците од болидот на Мекларен утврдено е дека Хамилтон не направил прекршок. На крајот, Фетел заврши на четвртото, а Хамилтон на петтото место во конечниот пласман на трката за ГН на Азербејџан.

Фетел имаше инцидент и предупредување од ФИА и минатата сезона кога имаше остра расправија и преку тимското радио упати пцовки кон директорот на трките во ФИА, Чарли Вајтинг.

Освен казната од 10 секунди, инцидентот во Баку на Себастијан Фетел му донесе и три нови казнени поени, па сега возачот на Ферари е на граница да добие забрана за настап на една трка. Од оваа мерка го делат само уште три казнени поени. Поранешниот шампион во Ф1 лани доби шест, а во Баку додаде уште три, ако стигне до 12 тогаш Фетел ќе биде казнет со една трка.

Себастијан Фетел е возач со најмногу казнени поени од сите што настапуваат во шампионатот во Формула 1. Зад него се Карлос Сајнц од Торо Росо и Џулијан Палмер од тимот на Рено.

Се вчитува...