ФИФА го исфрла Перу од СП, шанса за Италија?!

На фудбалската репрезентација на Перу и се заканува исфрлање од СП 2018 доколку се реализираат најавите за целосна државна контрола над спортските институции во оваа јужноамериканска држава. Во ваква ситуација, шанса сепак да стигне до руска виза би добила селекцијата на Италија, која во баражот беше елиминирана од страна на Шведска.

Еве за што станува збор… перуанскиот весник „Либеро“ објави информација според која засиленото политичко влијание може да доведе до исфрлање на оваа земја од претстојниот мундијал во Русија. Поточно, пратеничката во перуанскиот парламент, Палома Роса Ночеда Кијанг (поранешна светска шампионка во трки со моторни чамци), предложила измени во Законот за спорт, со што сите спортски сојузи, вклучувајќи го тука и фудбалскиот би биле ставени под контрола над државата.

ФИФА во неколку наврати во минатото казнувала земји за вакви обиди, изрекувајќи им суспензии се додека фудбалот не се оддели од политиката. Во случајот на Перу, светската куќа на фудбалот ќе има и дополнителен „џокер“ со заканата за исфрлање на оваа репрезентација од мундијалот, место што Перуанците си го обезбедија со триумфот во баражот над Нов Зеланд.

Тешко е да се поверува дека перуански политичари би си играле на оваа тема за да го загрозат учеството на СП и на тој начин да го навлечат бесот на граѓаните, но доколку тоа се случи, тогаш главен фаворит за испразнетото место нема да биде Нов Зеланд, туку Италија. Имено, во актите на ФИФА немало точка со која поразената селекција автоматски го зазема местото на победникот во баражот, па лесно може да се случи да биде доделена мундијалска вајлд-карта според рејтингот, ситуација во која „аѕурите“ би излегле во преден план.

Се вчитува...