Филип Поповски: Пофалбите од ФИФА и УЕФА се само обврска плус за нас!

Ако ве дефинираат по делата, а не по зборовите, тоа значи дека сте успеале – истакна претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски на вчерашното отворање на новиот сместувачки капацитет во рамките на комплексот „Куќа на фудбалот“ со кој македонскиот фудбал доби капитален објект од сериозно значење за развојот на најмладите македонски фудбалери.

И, ФФМ успеа. Успеа пред се во своите намери зацртани како идеја од пред три години да создаде Академија за млади фудбалери која ќе биде водечка домашна институција на патот до поквалитетен фудбал. И веројатно малкумина во спортската домашна јавност можат на вистински начин во овој момент да го разберат значењето на оваа инвестиција… Како што вели, пак, генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски на сите нас ќе ни биде многу појасно за суштинското значење за некоја година. Со реални придобивки за македонската фудбалска игра.

„Секако дека сме среќни што успеваме да го заокружиме овој голем проект. Среќни сме и што ги имаме како партнери и УЕФА и ФИФА кои и тоа како ги препознаваат сите активности и заложби на ФФМ за подобар фудбал во Македонија. Задоволни сме од пофалните зборови и на Чеферин и на Марко Ван Бастен за нашата работа, но тие никако не смеат да не залажуваат. Да, и тоа како сме горди, но тие зборови се и обврска за со уште посериозно темпо да се продолжи во иднина. Мораме, заради фудбалот и спортот во Македонија во кој не се важни поединците, но единствено заедничкиот чекор напред“ – вели Поповски како заокружување на впечатоците од посетата на Чеферин и Ван Бастен во Скопје, притоа дополнувајќи:

„Самото доаѓање во Скопје на првите луѓе на УЕФА и ФИФА доволно зборува за почитта која ја уживаме во овој момент во овие институции. Самото доаѓање и на буквално комплетниот врв на ФИФА и УЕФА во Скопје на Суперкупот на Македонија и огромните пофалби кои ги добивме потоа како федерација, и сега оваа посета на Чеферин, Ван Бастен, Лаковиќ, Бјорн Васало…, добро кажуваат дека ФФМ се наоѓа на вистинскиот пат. Јас како член и на Хет-трик Комитетот на УЕФА кој одлучува околу поддршката за развојни програми на помалите членки на европската куќа на фудбалот добро знам колку ФИФА и УЕФА ги препознаат нашите желби за подобар фудбал. Тоа секако ни кажува дека имаме подадена рака од Европа и од светот за во иднина“.

Потпретседателот на Владата на РМ, Кочо Анѓушев, претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и претседателот на УЕФА, Александер Чеферин на заедничката средба во ФФМ

Филип Поповски уште еднаш го потенцира значењето младинскиот фудбал во Македонија сериозно да се поддржи и со соодветна инфраструктурна поставеност…

„Мора да истакнам дека новиот комплекс е плус и дел од проектот за енергетска ефикасност и користење на алтернативни извори на енергија, каде во моментот загревањето и ладењето се врши со помош на постоечките геотермални пумпи, а во блиска иднина ќе следи и дополнително поставување на соларни панели за добивање на енергија. Исто така ќе бидат поставени и канти за отпад како и дел од концептот управување со отпад и заштита на животната средина. Но, секако главниот предизвик на Федерацијата согласно овој проект беше во целост да се рализира концептот за воспоставување на Академијата, кој во моментов е комплетно постигнат. Досега, членовите на Академијата беа сместени на различни локации и навистина преставуваше предизвик секојдневното патување на релација училиште – тренинг – сместување. Сега веќе тоа е минато.  Целта на Академијата е да се изработи развоен годишен план кој покрај тоа што ќе ги покрива активностите и работата во однос на техниката, принципите на играта и се останато што е поврзано со фудбалот, исто така ќе им ги овозможи на своите членови и сите пропратни елементи почнувајќи од сместување, соодветна исхрана и нутриционистички план, здравствени и рехабилитациски услови, па се до реализирање на редовна едукативна програма. Елементи кои се од суштинско значење за развој на еден фудбалер. И сето тоа на едно место, во Куќата на фудбалот при тренинг центарот Петар Милошевски“ – вели генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија.

Се вчитува...