ФИЛИП ПОПОВСКИ: Жално е ФФМ да биде осамена во вложувањето во инфраструктурата во Македонија!

По максималното активно лето, настапот на нашата млада репрезентација на Европското првенство во Полска, организацијата на УЕФА Суперкупот 2017 во Скопје како и последните активности околу организацијата на првиот наш квалификациски репрезентативен натпревар надвор од главниот град, генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски потенцира дека не може а да не се биде задоволен од реализираното во досегашниот тек од годината.

Без сомнение, централниот фокус ова лето беше ставен на Суперкупот кој, според оценките и на УЕФА, мина во извонредна организација…

„Би било прескромно да кажам дека сум само задоволен од постигнатото. Ние, тука во Скопје, во Македонија организиравме планетарен настан. Огромна благодарност до нашите колеги од Федерацијата и останатите партнери кои несебично две години со сета своја професионалност докажаа дека сме способни да одговориме на сите предизвици кои се бараат од нас“ – вели Поповски, веднаш дополнувајќи:

„Ако кажам дека беше лесно, ќе излажам. Поминавме низ многу искуства и предизвици и успеавме да го доставиме навремено се тоа што се очекуваше од нас. За сето тоа потврда е и благодарноста која ја добивме буквално од сите, а посебно од челниците на УЕФА и ФИФА. Самиот настан допринесе за надградба на нашето работење, размена на искуства, нешто што е од непроценлива важност за нашиот тим и нашата држава кога станува збор за организација на мега настани“.

filip popovski

Токму овој настан но и целокупниот ангажман на ФФМ околу заживувањето на фудбалот, преку негова поддршка од најмладите категории па се до вложување во инфраструктурата, за Поповски треба да донесе една нова димензија преку која јавноста ќе ја гледа работата на ФФМ, за да се знае дека Федерацијата е една далеку покомплексна институација од она што главно се поврзува во јавноста – единствено преку настапите на сениорската репрезентација.

„Ние како тим дејствуваме по однапред определени цели кои се вклучени во Стратегискиот план на ФФМ (2016-2026). Целиот тој план и целите се формирани од страна на фудбалското семејство и раководството на ФФМ. Можам да кажам дека сум задоволен од тоа како течат активностите а затоа говорат следните индикатори: зголемениот број на фудбалери, тренери, судии, подобрување на состојбата на стадионите, учество на Европско првенство до 21 година, успех на меѓународно клупско ниво, подобрување на перформансот на А репрезентацијата и останaти активности, а годината се уште не е завршена. Да не заборавам да споменам дека ние како социјално одговорна асоцијација дејствуваме и на други полиња, како што е соработката со здружението Мобилност, грижа за ранливи категории на граѓани, соработка со други училишта, организации на други полиња“.

SINGAPORE - DECEMBER 8: During the FIFA Executive Football Summit 2016 on December 8, 2016 in Singapore. (Photo by Edwin Koo-FIFA/FIFA via Getty Images)

Според Поповски проблематично е што изминативе години единствено само ФФМ силно инвестира во фудбалската структура. За резултати побрзо, мора да се вклучат и останатите општествени чинители. ФФМ сега, токму во желбата за средување на инфраструктурата ширум Македонија, ќе донира и две монтажни трибини за стадионот во Битола…

„Секако дека се вложува во фудбалската инфраструктура. Како последен пример е вложувањето во стадионот Младост во Струмица, на кој се играат квалификациски наптревари на А репрезентациите, а верувајте потребно е достигнување на високи критериуми. Тука се 10-те терени за тренинг во 10 општини, 4 стадиони како дел од Хет трик програмата на УЕФА. За жал, вложувањето во инфраструктурата единствено од страна на ФФМ не е доволно за брзи резултати. Затоа сакам да ги повикам сите да ни се придружат во подобрување на спортската инфраструктура, затоа што знаеме дека спортот е најголемиот амбасадор во светот“ – истакнува Филип Поповски.

Се вчитува...