ФМП се откажа, Шкупи и Пелистер влегуваат во Првата лига

Веќе нема никакви дилеми, во новата сезона од кошаркарската Прва лига ќе се натпреваруваат 12 екипи, а од проширувањето на лигата ќе профитираат Шкупи и Пелистер, кои ќе бидат дел од елитното друштво во сезоната што ќе стартува претстојниот викенд.

Согласно пропозициите, право за влез во Првата лига имаа екипите од Втората лига, почнувајќи од третата позиција па надолу според пласманот во ланската сезона. Интерес за влез во елитата од претходно покажаа само Академија ФМП и Шкупи, но челниците на ФМП во последен момент се премислија, не плаќајќи ја котизацијата од 5.000 евра (половина од вкупната сума) за која краен рок беше денешниот ден.

Со самото тоа Академија ФМП го препушти своето место на претпоследниот тим во Првата лига од ланската сезона, во случајов Пелистер. Битолскиот клуб е подготвен да ја уплати котизацијата, за што ќе има рок од 24 часа (до утре), а со уплатата од „зелено-белите“ и дефинитивно ќе биде затворен списокот на учесници во елитното друштво.

Неофицијално, веќе за среда ќе биде закажано и извлекувањето на двојките за следната натпреварувачка сезона, се со цел истата да стартува веќе претстојниот викенд, на 7 октомври.

Се вчитува...