Фондацијата УЕФА со акција и во Скопје – Децата со попреченост се дел од нас

[two_third last=”no”]…[/two_third]

Веќе трета година, УЕФА Фондацијата за деца, за време на церемонијалното отворање на Суперкупот на УЕФА, игра активна улога за подигање на свеста и испраќање пораки за толеранција, солидарност и социјална инклузивност на најранливите деца.

На овогодинешниот УЕФА Суперкуп кој ќе се одржи на 8 август во Скопје, Македонија, ќе се натпреваруваат победникот од УЕФА Лигата на шампиони – ФК Реал Мадрид и победникот од УЕФА Лигата на Европа – ФК Манчестер Јунајтед. Пред започнувањето на натпреварот, група од 19 млади лица со оштетен слух од државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ користејќи го знаковниот јазик ќе ја изведе музичката нумера „Небо полно ѕвезди“ од Колдплеј, заедно со детскиот хор „Фалсето“ од Скопје. Целта на нивниот настап е да испратат моќна порака до светот за важноста на интегрирањето на децата со попреченост во општеството. Европскиот фудбал ја поддржува оваа кауза преку споделување на уникатната сцена, со што се промовира разноликоста и почитта.

Младите, исто така, пред самиот натпревар ќе имаат можност да се сретнат со играчите од двете екипи и да ја споделат заедничката љубов кон фудбалот.

„Да се учествува на настан како што е церемонијата на отворање на Супер Куп на УЕФА би било остварување на сонот на многу деца и тинејџери, но за овие деца и тинејџери со оштетување на слухот овој настан е повеќе од тоа“ вели Викторија Волак од ДУЦОР „Партенија Зографски“. „Тоа е чест. Сите се возбудени бидејќи тие сакаат да дадат се од себе за да настапат најдобро што можат, истовремено да изразат благодарност до Фондацијата за деца на УЕФА за можноста што им е пружена и да испратат порака на нивниот природен начин, порака за еднаквост и покрај разликите меѓу сите нас“.

Генералниот секретар на УЕФА Фондацијата за деца, Паскал Торес, додава: „Фудбалот е универзален јазик и инспиративна сила за интеграција и позитивност. Со тоа што ги покануваме овие млади луѓе кои имаат проблеми со слухот да се претстават пред милиони луѓе, праќаме порака дека без разлика на тоа кои се, од каде доаѓаат и со какви проблеми се соочуваат – тие се дел од фудбалскиот свет и имаат значајна улога во истиот“.

Се вчитува...