Франција е баш силна – Дика Мем, Ричардсон, Мејер…

Победата над Алжир значеше историски успех за македонскиот ракомет, но нашите младинци немаат многу време за славење бидејќи денеска ги очекува четвртфиналната пресметка со Франција. Противникот никако не можеше да биде потежок, со оглед на доминацијата на оваа генерација француски ракометари на големите натпреварувања во изминатите години.

Имено, „галските петли“ со овој состав веќе станаа европски прваци до 18 години, потоа и светски шампиони до 19 години, за сега во Алжир да ја бранат круната. Составот делува навистина импресивно, на голот е Жилиен Мејер, во кого француската јавност гледа достојна замена за Тијери Омејер. На бековската позиција го има Дика Мем, кој е дел од Барселона, но и Мелвин Ричардсон, синот на легендарниот Џексон Ричардсон. Тука е и крилото Јанис Лене, кој непосредно пред мундијалот потпиша договор со Барса, а во одлична форма играат и останатите асови на „триколорите“. Така, најдобар стрелец досега е Етиен Моке со 29 погодоци, исто колку што има и нашиот Филип Талески.

На досегашните шест средби на овој шампионат Франција има пет победи и едно реми, она од 22-22 против Словенија во рамките од групната фаза. Фуриозниот напад е главна одлика на овој француски состав, па така „триколорите“ дадоа 30 гола против Данска (30-22), дури 35 со Катар (35-18), 31 со Шведска (31-28) и 36 со Египет (36-30). Покрај Словенија, единствената селекција што успеа да ги задржи Французите под 30 гола се Фарските острови, кои загубија со 28-25, но мора да се истакне дека светските шампиони имаа целосна контрола над резултатот, па во финишот и чуваа дел од своите сили за четвртфиналето.

Повеќе од јасно е дека против себе го имаме најтешкиот можен противник, но во спортот се случувале и поголеми чуда, зошто да не и Македонија да го земе скалпот на моќната Франција. Впрочем, карактер имаме, а со малку среќа и добра вечер на нашите голмани, можно е да им ги замрсиме сметките на големите фаворити.

Се вчитува...