Гачевски: Навивачите ни се потребни за посакуван триумф над Шкендија!

Актуелниот шампион, екипата на Вардар в недела од 14 часот на „Телеком арената“ го очекува големиот дерби дуел против Шкендија во рамките на 20. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Во третиот меѓусебен натпревар сезонава „вардарци“ ја посакуваат и третата победа, по оние претходните 3-0 и 2-0. Чуварот на мрежата на Вардар, Филип Гачевски е убеден дека може да се дојде до триумфот повикувајќи ги и навивачите како сериозно помош на патот кон остварувањето на зацртаната цел…

„Ја повикувам публиката да дојде на стадионот во недела и да ни даде поддршка за да дојдеме до нова победа.  Гледачите ќе имаат можност да видат еден добар и квалитетен натпревар. Ние ќе дадеме максимум на теренот за да дојдеме до нова победа во првенството. Да ги исполниме сите задачи од стручниот штаб, и да стигнеме до трите бода на ова дерби. Верувам во квалитетите на играчите и верувам дека ќе дојдеме до зацртаната цел. Посакувам да се повторат натпреварите против Шкендија минатата сезона кога јас не примив гол, а моите соиграчи успеваа да дојдат до голови и со тоа да дојдеме до победите на двата меча“ – вели Гачевски за официјалната интернет страница на клубот.

Од таборот на Вардар посакуваат оваа пролет нивниот шампионски пат да биде зачинет и со далеку побројно присуство на навивачите на „Телеком арената“. Првиот момент за тоа секако е големата дерби пресметка против најголемиот ривал за титулата, Шкендија.

Веќе се пуштени во продожба и билетите за неделното дерби, по цена од 100 денари. Билетарницата на Источната трибина ќе работи денеска и утре од 12 до 17 часот, а в недела, на денот на натпреварот, од 9 до 13:45 часот. Билети може да се купат единствено со документ за лична идентификација.

Се вчитува...