Гачевски со пофалби за публиката: Вие бевте нашиот дванаесетти играч!

Голманот на Вардар, Филип Гачевски, e еден од хероите во триумфот над Копенхаген. Неговите интервенции во завршницата од средбата ја осигураа минималната победа во првиот дуел од двомечот со данскиот шампион. Репрезентативниот голман е благодарен за огромната поддршка од трибините, смета дека публиката вечерва беше дванаесеттиот играч на Вардар, но исто така не заборави дека има уште 90 минути за играње, а од неговите соиграчи очекува ист пристап и на реваншот во Данска.

„Пред се, сакам да се заблагодарам на публиката што дојде во огромен број да не поддржи. Тие за нас беа дванаесеттиот играч вечерва, па сакам оваа победа да ја посветам на верните фанови. Што се однесува до натпреварот, можам да кажам дека сум презадоволен, и од начинот на кој одигравме и од резултатот. Одигравме според договорот, успеавме да постигнеме гол, и да не примиме, тоа беше најважно. Следната недела не’ чека тешка битка во Копенхаген, и сигурен сум дека уште еднаш ќе оставиме срце на терен за да ја израдуваме цела Македонија, и да испишеме нова историја за овој клуб. Знаеме дека ќе не очекува сличен „пекол“ како што беше во Малме, но ние треба сега добро да се одмориме, затоа што ќе треба  да дадеме 1000% на следниот меч“, истакна Гачевски по триумфот над Копенхаген.

Се вчитува...