Гарсија: Партизан има многу квалитетен плејмејкер, тоа ми дава мотивација за надигрување

Плејмејкерот на МЗТ Скопје, Ерик Гарсија смета дека клубот е подготвен за претстојните предизвици. Првиот следи веќе вечерва, кога на стартот од новата сезона во АБА-лигата во „Јане Сандански“ гостува Партизан.

Новиот организатор на играта посочува дека имал голема помош од неговите соиграчи да се адаптира на македонскиот стил на кошарка. Американецот се надева на позитивен почеток на сезоната, Партизан е првата голема пречка на „аеродромци“, а Гарсија вели дека мотивацијата за победа ја добива знаејчќи дека овој тим има квалитетен плејмејкер, Најџел Вилијамс Гос, кој добро го познава.

„Можам да кажам дека подготовките поминаа добро. Секој ден напорно работиме за да се воиграме, да создадеме тимска хемија, која ќе ни помогне подобро да се носиме со противниците. Домашните играчи многу ми помогнаа да се адаптирам на македонскиот стил на кошарка, бидејќи е многу поразлично од начинот на кој играв во САД. Секој ден се трудам да станам подобар играч, сакам да помогнам на овој тим да го оствари целите, се надевам на позитивен старт во новата сезона. Вечерва не очекува тежок меч, знам дека Партизан е клуб со богата историја. Знам дека имаат доста квалитетен плејмејкер, го познавам Најџел Вилијамс Гос од деновите кога играше за Гонзага, па тоа ми дава мотивација за надигрување. Мислам дека многу потежок дуел ќе не очекува кога ќе им гостуваме во Белград, бидејќи нивните навивачи се неверојатни, од она што можев да проследам на интернет, навивачите прават фантастична атмосфера“, истакна Гарсија.

 

Се вчитува...