Гатузо: Лесно е да се биде тренер на овој Милан

Џенаро Гатузо е најзаслужниот за воскреснувањето на Милан во последните два месеци, но младиот стратег упорно комплиментите ги насочува кон своите фудбалери. „Росонерите“ пред десет кола заостануваа дури 18 бода зад Интер, а сега негативата во однос на градсскиот ривал е намалена на само седум бода, па тимот на Гатузо со право се надева дури и на искачување на четвртата позиција.

„Сите ми велат браво, но во моментов е многу лесно да се биде тренер на Милан. Ова се квалитетни фудбалери и добри момци, само им требаше некој за да се појави искра, да се загреат и работите да тргнат на подобро. Јас ја имам најголемата можна сатисфакција – играчите го прават сето она што како тренер ќе го побарам од нив. Сепак, тоа се само идеи и тактички замисли, фудбалерите се тие кои ги спроведуваат и кои победуваат на теренот“ – изјави Гатузо.

Тој се наврати и на почетоците од оваа авантура, кои беа далеку од посакуваното.

„Не очекував ништо посебно, тоа беше како некој да ви даде жежок компир да го држите в раце. Како човек сакам да патам, не уживам ако работите ми се дадат лесно и без борба, затоа и го прифатив предизвикот. Милан е мојот дом, го носев овој дрес 14 години, тој е дел од мене. Работата во овој клуб е прекрасно искуство, ќе видиме како ќе заврши“ – порача Гатузо.

Тренерот на „росонерите“ му упати и зборови на поддршка на Рикардо Родригез, кој промаши пенал при резултат 0-0 на синоќешниот дуел со Сампдорија.

„Тој се однесуваше како да се случило нешто трагично. Тоа е пенал, Диего Марадона промашуваше од такви ситуации, нормално е и Родригез некогаш да промаши. Ништо страшно“ – истакна Џенаро Гатузо.

Се вчитува...