Гатузо: Судијата не заслужува коментар, Донарума погреши, но нема да му отсечеме глава

Милан е елиминиран од Лигата на Европа, со што заврши сонот на „росонерите“ дека со евентуално освојување на трофејот во ова натпреварување би можеле идната сезона да бидат дел од Лигата на шампионите. Тренерот Џенаро Гатузо е разочаран од поразот (3-1) од Арсенал на „Емирати“, но вели дека сепак неговиот тим се борел до самиот крај. Не сакаше да го коментира судијата, а го заштити голманот Џанлуиџи Донарума.

„Судијата не заслужува да го коментирам. Тој самиот си знае дека не беше на ниво. Исто и Донарума имаше грешки. Му кажав и на него да ја крене главата и дека нема да му ја отсечеме. Први поведовме и навистина чувствував дека можеме да постигнеме и втор гол. Но, потоа се случи пеналот. И по него, не се откажавме, туку продолживме да се бориме. Не беше доволно, загубивме, но се враќаме дома со кренати глави. Сега ќе се посветиме на натпреварите во Серија А“, изјави Џенаро Гатузо по поразот од Арсенал на „Емирати“.

Се вчитува...