„Ѓаволска“ сензација: Ибрахимовиќ потпишува за Јунајтед следната недела!

Златан Ибахимовиќ одново ќе го облече дресот на Манчестер јунајтед, потпишувајќи нова соработка со „ѓаволите“ следната недела, известуваат медиумите од островот. Швеѓанецот пристигна на „Олд трафорд“ пред почетокот на минатата сезона каде потпиша едногодишен договор, но сериозната повреда на коленото пред време го тргна од терените.  Се очекуваше Златан да паузира најмалку до декември, а поради тоа, Ибрахимовиќ одби да стави потпис на уште една сезона, па така остана без клуб цело лето.

Но, упорниот Ибра со додатни напори се опорави по успешната операција и се очекува порано да зачекори на зелениот тепих. Токму поради неговата упорност, Јунајтед одлучи да му даде уште една прилика да ги радува навивачите на „театарот на соништата“. Мурињо наводно ургирал кај управата да го задржат искусниот голгетер и покрај повредата, поради неговото влијание и авторитет во соблекувалната, а по сите изгледи желбата на „Специјалниот“ ќе биде исполнета.

Имајќи во предвид дека ќе потпише пред крајот на преодниот рок, Јунајтед ќе може да го регистрира Ибрахимовиќ за Премиер-лигата и Лигата на шампиони, па доколку успее да се опорави пред крајот на оваа година, ќе може да настапи и на двете натпреварувања.

Ибрахимовиќ блескаше во црвениот дрес минатата сезона. Постигна 28 погодови во сите натпреварувања, 17 од нив беа во Премиер-лигата.

Се вчитува...