Годин: Варди е вистинската закана, мораме уште еднаш да го спречиме

Искусниот дефанзивец на Атлетико Мадрид, Диего Годин, ја откри вистинската закана пред вечерашниот реванш – четвртфинален дуел со дебитантот во Лигата на шампионите, Лестер сити. Уругваецот вели дека Џејми Варди ќе биде најопасниот фудбалер кај домаќините, со пофалби го смести меѓу најдобрите голгетери во светот, во друштво на Луис Суарез, Роберт Левандовски, Серхио Агуеро. Годин знае дека целата одбрана ќе мора да функционира перфектно со цел Варди да не слави на „Кинг Пауер“.

„Варди е одличен фудбалер. Минатата сезона ги тресеше мрежите од забава, а покрај него се разигра целиот тим и на крајот станаа шампиони. Малку се необични неговите подготовки за натпреварите, но очигледно така функционира. Доколку му оставиме простор, тој ќе не казни. Се бори како лав на секој натпревар, Лестер нема да биде Лестер како што го знаеме ако не беше тој. Ги поседува квалитетите на секој убиствен напаѓач, кој знае да ги користи сите шанси. Мислам дека одлично би се вклопил во тактиката на Симеоне“ изјави Годин.

Во претходниот натпревар против Атлетико Мадрид, Варди беше заменет во 77. минута, не ја затресе мрежата, па Годин имаше свое мислење околу неговиот настап.

„Мило ми е што не постигна гол. Беше сам во нападот, па ние му посветивме многу внимание. Не му оставивме простор да одигра како што знае. Ако го направиме истото и вечерва, ќе имаме големи шанси за пласман во следната фаза“додаде Уругваецот во редовите на Атлетико.

Се вчитува...