Голден стејт без пораз до финале на Западот!

Кошаркарите на Голден стејт се пласираа во финалето на Западната конференција со четвртата победа над Јута, овој пат од 121-105.

Вориорси на тој начин ја продолжија низата без пораз во плејофот и за пласман во големото финале ќе се борат со победникот од дуелот меѓу Сан Антонио и Хјустон.

Гостите на синоќешниот меч уште во првата четвртина ја навестија новата победа, добивајќи ја со 17-39. Па, иако Јута делумно се врати во вториот период, сепак немаше шанси за пресврт.

Дрејмонд Грин го запиша својот 22 „трипл-дабл“ со 17 поени, 10 скока и 11 асистенции, а најефикасен беше Стеф Кари со 30 поени, дополнети и со пет скока и 7 асистенции. Го следеше Клеј Томпсон со 21 поен, три повеќе од Кевин Дурант.

Кај Јута се истакна Хејворд со 25 поени, а Мек постигна 18 поени.

Како што е познато, во финалето на Истокот веќе се пласираше Кливленд, кој го чека победникот од мечот меѓу Бостон и Вашингтон (2-2).

Се вчитува...