Голден стејт повторно е шампион на НБА-лигата

Голден стејт вориорс се врати на тронот на НБА-лигата, одмаздувајќи му се на Кливленд за ланскиот пораз во финалната серија. Овојпат „воините“ не дозволија камбек на противникот, па со синоќешната победа од 129-120 стигнаа до триумф од конечни 4-1 во победи, за втора титула за Голден стејт во последните три сезони.

Како пресудна се покажа извонредната серија од 28-4 на тимот на Стив Кер во втората четвртина, по која „воините“ поведоа со 61-45. Благодарение на Џеј-Ар Смит Кливленд замина на паузата со резултат 71-60, гостите потоа се приближија и до 98-93, но потоа работите во свои раце ги презеде Кевин Дурант, кој конечно се закити со првата титула во својата кариера.

На крајот мечот заврши со конечни 129-120, пред се благодарение на фантастичниот Дурант и неговите 39 поени (шут од поле 14/20), за што екс-кошаркарот на Оклахома се закити и со МВП признанието. Стеф Кари постигна 34 поени и 10 асистенции, додека Андре Игудала го заврши мечот со 20 поени. Кај Кливленд најдобар поединец повторно беше Леброн Џејмс со 41 поен, 13 скокови и осум асистенции, премалку за неговиот тим повторно со чудесен камбек да стигне до титулата како што тоа беше случај ланската сезона.

Се вчитува...