Голден стејт се посрамоти против Мемфис

Кошаркарите на Голден стејт се посрамотија на дуелот со Мемфис гризлис, губејќи по дополнителни пет минути со 119-128. Очаен беше финишот на актуелните вицешампиони откако Голден стејт во третата четвртина имаше предност од 24 поени, што сепак се покажа недоволна за Кари, Дурант и останатите „воини“ да стигнат до победата. Камбекот почна во финишот од третиот период, потоа „гризлите“ ја добија последната четвртина со 32-13, за полни со самодоверба да ги добијат и дополнителните пет минути со 17-8, со што Мемфис стана првиот тим во последните три години што успеал во една регуларна сезона (без плејофот) два пати да го совлада тимот на Голден стејт.

На „воините“ не им помогна ниту извонредниот настап на Стеф Кари и неговите 40 поени, додека Кевин Дурант постигна 27 поени. Најефикасни кај Мемфис беа Рендолф и Конли со по 27 поени, додека Марк Гасол постигна 23 поени.

[youtube id=”FBngrpOpaBg” width=”640″ height=”380″]

Шампионот Кливленд забележа нова победа, триумфирајќи на гостувањето во Бруклин со резултат 108-116. Леброн Џејмс беше најзаслужен за овој триумф со 36 поени, девет скока и шест асистенции, Кајри Ирвинг постигна 32 поени, додека Кевин Лав оствари нов дабл-дабл од 17 поени и 13 скокови.

Со одлична игра продолжуваат и кошаркарите на Хјустон рокетс, кои славеа во Орландо со 93-100 за своја седма победа во низа. Победата е уште послатка ако се земе во предвид очајниот шутерски ден на Џејмс Харден (14 поени, 0/8 за тројка). „Ракетите“ тоа го надополнија со колективна игра и добра одбрана, па најефикани во нивните редови беа Андерсон со 19 и Беверли и Гордон со по 17 поени.

Резултати НБА:

Голден стејт – Мемфис 119-128 (по прод.), Бруклин – Кливленд 108-116, Орландо – Хјустон 93-100, Вашингтон – Минесота 112-105, Бостон – Филаделфија 110-106, Милвоки – Њујорк 111-116, ЛА лејкерс – Мајами 127-100, Сакраменто – ЛА клиперс 98-106.

Се вчитува...