Голема криза ја тресе Кина – доцнат платите во 13 клубови

Кина стартуваше државен проект за развој на фудбалот, ветувајќи нереални суми за плати на фудбалерите. На тој начин беа привлечени и бројни ѕвезди кои дотогаш настапуваа во Европа како Лавеци, Хулк, Оскар… но проблемот дојде кога ветените пари треба да се исплатат.

Имено, Кинеската Фудбалска Федерација денеска објави загрижувачки податок дека дури 13 од 18-те суперлигаши во оваа земја доцнат кога станува збор за исплата на платите на фудбалерите.

Забележливи се недостатоци во работењето на дури 13 клубови, пред се во исплата на она што треба да им го дадат на фудбалерите според потпишаните договори. Ако не се способни да ги исполнуваат обврските, овие клубови следната сезона ќе бидат исфрлени од сите натпреварувања“ – објавија од Кинеската Фудбалска Федерација.

Факт е дека одличните финансии беа единствената причина поради која врвните играчи се решаваа за преселба на Далечниот Исток, па јасно е дека овие проблеми ќе се одразат при привлекувањето на квалитетни засилувања во периодот што следи.

Впрочем, на листата на неплаќачи се наоѓаат и оние најбогати клубови, Тианјин кој го бараше Обамејанг, потоа Шангај Шенхуа за кој настапува Тевез, па Шангај СИПГ со Оскар и Хулк, Хебеи со Лавеци и Гвангжу евергранде, во чии редови настапува Бразилецот Паулињо.

Како што стојат работите, „кинеската револуција“ набрзина ќе запре, а доколку трендот на неплаќање продолжи, големите ѕвезди ќе настојуваат час поскоро да добијат и раскин на договорите за да се вратат назад во Европа.

Се вчитува...