Гонзалес: Лазаров е одличен, но во Нант сите се врвни играчи

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Раул Гонзалес, очекува серијата победи на македонскиот првак да продолжи и на саботниот дуел против Нант. Првиот домашен меч во ЛШ воедно ќе претставува и ново гостување во Скопје за Кире Лазаров, овојпат во дресот на францускиот прволигаш. Гонзалес има високо мислење за македонскиот „бомбардер“, со кого има беспрекорна соработка во националниот тим, но предупредува дека би било погрешно „вардарци“ да се фокусираат само на десниот бек.

„Секогаш е посебно чувството кога од другата страна се има Лазаров, одличен играч со страшен шут. Неговите квалитети се несомнени, но во Нант сите се врвни играчи и ние мораме на сите да им обрнеме еднакво внимание. Здравствениот билтен е добар со исклучок на голманот Милиќ. Нант игра многу добар ракомет, одлично ја стартуваше сезоната, но нашата цел е јасна – да се победи дома. Очекувам брза игра од двете страни, со оглед на досегашните натпревари и на Вардар и на Нант“ – изјави Гонзалес на денешната прес-конференција.

Капитенот Стојанче Стоилов ги повика навивачите да ја исполнат салата СЦ „Јане Сандански“ до последно место за првиот домашен натпревар на „вардарци“ како европски прваци во ЛШ.

Засега се е како што треба, победивме на сите натпревари, атмосферата во тимот е одлична. Ние сме европски шампиони, ќе се однесуваме како такви и ќе одиме на победа и против силниот тим на Нант. Сепак, би сакал да испратам апел до нашите навивачи, да добиеме поддршка од трибините како што доликува на тим што е европски шампион“ – истакна Стоилов.

Се вчитува...