Ѓорческа со максимална поддршка во Австралија: Пресреќна сум, никогаш во живот немало такво навивање за мене!

Лина Ѓорческа дефинитивно е уште едно име од македонскиот спорт кое со златни букви ќе остане запишано во нашата историја. Со првата победа на еден Грандслем турнир, од Австралија Лина се вивна меѓу македонските спортски ѕвезди, иако уште многу работа ја чека за да стигне до својот сон, најдобрите 100 тенисерки во светот и настап на ЛОИ.

По триумфот над Американката Саша Викери во 1. квалификациско коло на Австралија опен, Лина не го криеше задоволството од победата, потенцирајќи дека огромна заслуга за тоа имаат и македонските навивачи од Австралија кои ја изненадија со своето присуство, сервирајќи и максимална поддршка за време на целиот меч…

„Навистина сум пресреќна што стигнав до првата своја победа на еден Грандслем турнир. Горда сум на овој триумф, но ништо од тоа нема да беше возможно без поддршката која ја имав од трибините. Никогаш досега во мојата кариера сум немала таква поддршка. Јас знам дека во Австралија има многу Македонци, но искрено не знаев дека ќе дојдат да ме гледаат и поддржат. Бев изненадена. Без нивна помош немаше да успеам. Се надевам дека истата ќе ја имам и утре, па со Господ напред до нов триумф“ – рече Ѓорческа веднаш по мечот со Викери, осврнувајќи се притоа и на самиот натпревар.

„Не знаев многу за противничката. Мојот тренер гледаше нејзини натпревари како би се подготвиле, но јас не сакам да се оптоварувам со тоа туку единствено се концентрирам на мојата игра. Така ќе биде сега и за следниот натпревар утре против унгарската тенисерка. Ме чекаат уште два квалификациски кола да дојдам до главниот турнир, но размислувам само меч по меч“ – истакна Лина Ѓорческа.

Се вчитува...