„Граѓаните“ купуваат нов голман: Едерсон за 40 милиони евра пристигнува на „Етихад“

Англискиот премиерлигаш Манчестер сити агресивно го стартуваше летниот преоден рок, иако тој официјално и се уште нема започнато. „Граѓаните“ веќе го доведоа Бернардо Силва, играчот за врска на Монако, кој потпиша петгодишен договор, а следното засилување треба да биде голманот Едерсон Мораеш, чуварот на мрежата на португалскиот првак Бенфика.

Манчестер сити е подготвен да плати 40 милиони евра, колкушто изнесува откупната клаузула на Едерсон, и да го доведе на „Етихад“ ова лето. Тоа ќе биде и најскап трансфер на еден голман во Премиер – лигата, со оглед дека светскиот рекорд се уште го држи Јувентус со ангажманот на Џанлуиџи Буфон во далечната 2001 година. Тој од Парма се пресели во Јувентус за сума од 55 милиони евра.

Едерсон имаше одлична сезона на голот на Бенфика, беше еден од значајните фактори во одбраната на шампионската титула во Португалија, а преговорите се очекува да се завршат следната седмица, откако неговиот тим вечерва ќе го одигра и финалето на Купот на Португалија против Гимараеш.

Манчестер сити веќе го отпушти Вили Кабалјеро, кој го чуваше голот на „граѓаните“ во завршницата од сезоната, а се уште не е позната судбината и на Клаудио Браво, кој не ги исполни очекувањата по доаѓањето од Барселона.

Се вчитува...