Гратис тетоважи за цела репрезентација

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Македонските ракометари повторно се херои, идоли на целата нација, импресионирајќи со својата храброст и посветеност на остварување на заедничката цел – што подобар пласман на ЕП 2018 во Хрватска.

Ракометарите ќе добијат најмалку 30.000 евра од Ракометната Федерација на Македонија за досегашниот успех, a од татковината пристигнуваат и сосема поинакви награди. Така, тату-мајсторот Симон Капчев обелодени дека е подготвен бесплатно да ги тетовира сите репрезентативци по нивното враќање назад во татковината, како благодарност за радностите што ги носат на целата нација.

Чувството да се гледаат ракометарите како се носат со најдобрите, но и ги победуваат, е навистина неверојатно. Ова е мојот начин да им се заблагодарам, сите ќе добијат бесплатни тетоважи по нивни избор“ – изјави Симон Капчев за ЕКИПА.

Тој важи за еден од најдобрите мајстори на овој занает во Македонија, а во изминатите години има соработувано со бројни спортисти.

„Го имам тетовирано Стојанче Стоилов, а од поранешните ракометари и Наумче Мојсовски, како и бројни кошаркари. Ова е отворена понуда, се надевам дека голем дел од репрезентативците ќе ја прифатат“ – порача Капчев.

Се вчитува...