Грешка на Мерцедес и победа на Фетел на ГН на Австралија

Себастијан Фетел триумфира на трката за ГН на Австралија на стартот од новата сезона во Формула 1. Возачот на Ферари зад себе го остави Луис Хамилтон кој стартуваше од пол-позицијата, како и вториот возач на Мерцедес, Валтери Ботас кој заврши на третата позиција на подиумот.

Решавачкиот момент на патеката „Алберт Парк“ во Мелбурн беше лошата проценка и тактичката грешка на тимот на Мерцедес кој го повика Хамилтон во боксот  за промена на пневматиците уште во 18 круг, многу порано од другите возачи. Со овој потег, Хамилтон ја загуби лидерската позиција. Британецот се врати на патеката заглавен зад Макс Ферштапен, а во меѓувреме Фетел направи недостижна предност и стигна до триумф.

За германскиот возач во болидот на Ферари ова е прва победа од 2015 година, вкупно 43.во неговата кариера.

fetel vo melburn

Хамилтон на крајот мораше да се задоволи со втората позиција, а подиумот го комплетира Валтери Ботас кој во Мерцедес сезонава дојде како замена за шампионот Нико Розбер и веќе на првата трка заврши во водечката тројка.

Зад него остана неговиот сонародник Кими Раиконен кој вршеше силен притисок на Ботас, но младиот возач на Мерцедес беше поуспешен во финскиот дуел на патеката во Мелбурн.

Одново во проблеми со болидот на Мекларен беше тројниот шампион Фернандо Алонсо, кој не успеа да ја заврши трката.

Шампионатот во Формула 1 продолжува со трката за ГН на Кина што ќе се вози на 9 април во Шангај.

Пласман на возачите на трката за ГН на Австралија: 1. Себастијан Фетел (Ферари), 2. Луис Хамилтон (Мерцедес), 3. Валтери Ботас (Мерцедес), 4. Кими Раиконен (Ферари), 5. Макс Ферштапен (Ред Бул), 6.Фелипе Маса (Вилијамс), 7. Серхио Перез (Форс Индија), 8.Карлос Саинц (Торо Росо), 9. Дани Квајт (Торо Росо), 10.Естебан Окон (Форс Индија), 11. Нико Хулкемберг (Рено), 12. Антонио Џовинаци (Заубер), 13. Стофел Вандорн (Мекларен).

Се вчитува...